Актери од Израел ќе ги спасуваат еврејските гробишта во Битола

Актери од израелските театри Хабима и Камери ќе изведат заедничка претстава на полската драма „Нашето одделение“ а сиот приход ќе биде даден за заштита на илјадници гробови во Еврејските гробишта во Битола.

Потсетникот на еврејското минато во овој град од каде што во текот на втората светска војна во логорите на смртта беа депортирани сите Евреи и каде сега не живее ниту еден евреин со години е руиниран што ги испровоцира израелските актери да помогнат.

Актерите пред две години ги посетиле гробиштата по што одлучиле да соберат пари за обнова на гробиштата каде што се закопани над 10 илјади евреи од крајот на 15 век до втората светска војна.

 

A neglected tombstone in the Jewish cemetery in Bitola, Macedonia

Специјалната претстава за прибирање пари за еврејските гробишта во Битола ќе се одржи на 27 август во Хабима националниот театар и во неа ќе учествуваат по пет актери од двата театри. Претставата говори за односот меѓу Евреите и Полјаците во текот на втората светска војна.

 

Според израелскиот амбасадор во Македонија Дан Ориан кој досега успеал да рехабилитира околу 3,800 од вкупно 10 илјади гробни места, битолските Евреи прво биле жртви на нацистите а потоа и на заборавот.

Тој е задоволен што во проектот за спас на еврејското вечно почивалиште се вклучила и македонската влада и градоначалникот на Битола кој се обврзал по обновата на гробиштата градот да се грижи за нив.