Ако стапи на сила одлука за ограничување на маржите, ќе ги отпуштиме работниците, велат бизнисмени

Стопанската комора на трговци на големо и мало бара итна средба со Владата во врска со одлуката за ограничување на маржите. Според Комората, одлуката која предвидува 10% ограничување на маржите ќе го доведе во прашање опстанокот на трговците и тие ќе бидат принудени да отпуштаат вработени, но и да ги затвораат маркетите, велат оттаму, објави МРТ1.

  • „Штетите ќе бидат големи, бидејќи во прашање се доведува опстојувањето на 86 трговски фирми со 790 продавници и 4.700 вработени“, соопштуваат од Комората.

Откако Министерството за економија даде предлог до Владата да се донесе мерка за ограничување на маржите за 10%, се очекува Владата да донесе одлука за ограничување на маржата на основните прехранбени продукти.

Со ограничување на маржите, може да дојде до затворање на маркети и отпуштање на работници. По одлуката на Владата дека треба да се ограничат маржите на 10 отсто за основните прехранбени производи, но и на хигиенските влошки, пелените, детергентите, геловите за туширање и друго, од новоформираната Стопанска комора на трговци на мало и на големо предупредуваат дека со ваквата мерка се доведува во прашање опстанокот на работници.

Пред неколку дена, Владата на седница го задолжи министерството за економија да подготви одлука за ограничување на маржите на 10 отсто на дел од производите. Всушност станува збор на враќање на есенската кошничка која беше воведена минатата година во која на над 70 производи им се ограничија маржите. Разликата сега е во тоа што со оваа одлука ќе бидат опфатени и детергенти, прашоци, хигиенските влошки, пелените, храната за бебиња. За ваквата одлука познавачите сметаат дека ефектите ќе бидат краткорочни, односно само додека трае мерката.