Агелер: Одушевена сум што е Мицкоски по третпат во посета на Вашингтон, тоа укажува на блиските односи САД-Р*М!


„Станува збор за важни односи. Тоа што досега престојуваше таму неколкупати, откако ја презеде премиерската функција, зборува за блискоста на овие односи и за многуте начини на кои ние, како САД, и * Македонија можеме двострано да соработуваме. Затоа со нетрпение очекувам нивно зацврстување.“ – изјави денеска американската амбасадорка во Република Македонија Ангела Агелер во врска со новата посета на премиерот на Република Македонија Христијан Мицкоски во Соединетите Американски Држави. Ова го објави „360 степени“.

„360 степени“ истакнува: Одговарајќи на новинарско прашање кои гаранции може да ги даде Вашингтон во однос на евроинтеграцискиот пат на Република Македонија, кои ги бара Владата на Република Македонија со аргументација дека тоа би му дало извесност на процесот на пристапување кон ЕУ, Агелер посочи дека „САД не даваат гаранции за патот кон ЕУ, оти не се нејзина членка“, но нагласи дека е одушевена, поради тоа што премиерот Христијан Мицкоски е во нова посета на Вашингтон.

„Тоа е расправа, која се води и се водела со високи функционери на Европската Унија, но ќе кажам дека сум воодушевена што премиерот и членови на неговиот кабинет се во Вашингтон. Станува збор за важни односи и тоа што досега престојуваше таму неколкупати, откако ја презеде премиерската функција, како и други министри, зборува за блискоста на овие односи и за многуте начини на кои ние, како САД, и * Македонија можеме двострано да соработуваме. Затоа со нетрпение очекувам зацврстување на тие односи.“ – укажа американската амбасадорка, која денеска присуствуваше и имаше свое обраќање на свеченото примопредавање на оперативно возило, дар од САД за Црвениот крст на Република Македонија.

Премиерот Мицкоски од денеска, па до 22 јануари ќе престојува во главниот град на САД, каде што ќе присуствува на годишната Конференција за конзервативна политичка акција. Тој треба да има и обраќање во рамките на конференцијата. Вчера потврди и владината портпаролка Марија Митева дека премиерот патува за Вашингтон, без да наведе повеќе детали. Според неа, премиерот за време на посетата на Вашингтон се очекува да има средби. Како што кажа таа, за дополнителни информации јавноста ќе биде известена во текот на наредните денови.

На веб-страницата за конференцијата може да се види дека на листата на говорници на настанот се американскиот дипломат Ричард Гренел, кој е претставник за специјални мисии на претседателот Доналд Трамп, како и Стив Бенон, поранешниот висок советник на американскиот претседател Доналд Трамп. Како дел од многубројните говорници се најавуваат и сегашниот премиер на Словачка Роберт Фицо, поранешната премиерка на Велика Британија Лиз Трас, поранешниот премиер на Полска Матеуш Моравјецки и Џордан Бардела, кој ја предводи екстремната десница во Франција, заедно со Марин Ле Пен.

Ова е трето патување на Христијан Мицкоски за Вашингтон откако стана премиер. Првото патување во Соединетите Американски Држави беше на НАТО-самитот во јули минатата година, а втората посета се случи во јануари годинава, кога премиерот беше во Вашингтон по повод инаугурацијата на претседателот Доналд Трамп.

Битката стана глобална
Македонецот во ,,Тимот Трамп” закажа средба на суд со цензор – бразилски врховен судија