АА на Села реагира против „проширувањето на црквата“ на Шапка и „тајниот договор ВМРО ДПМНЕ-Вреди за ова и за крстот“?!

„Продолжува проширувањето на црквата на ‘Кодра е диелит’ и се узурпира јавен имот, но општина Тетово молчи повторно и ништо не реагира!“ – наведува во своето соопштение фракцијата на Зијадин Села во Алијансата за Албанците, кое го пренесува информативниот портал на албански јазик „Алмакос“. „Кодра е диелит“ („Ридот на сонцето“) е албански топоним, што се користи наместо изворниот македонски топоним Попова Шапка. АА на Села „не знае“ дека изворниот македонски назив е Попова Шапка, но како да „не знае“ и оти името на „црквата на Кодра е диелит’ е поправо манастир „Свети Наум Охридски – Чудотворец“.

Во своето соопштение фракцијата на АА на Села изнесува: „Последиците од пазарењето на ВМРО ДПМНЕ – Вреди продолжуваат да ги плаќаат тетовци. По изградбата на џиновскиот крст, на „Кодра е диелит“ (Попова Шапка – заб.прев) продолжуваат работите на проширувањето на комплексот на Православната црква. Тешка механизација работи на узурпација на јавниот имот, на уништување на природата и зелените површини и на проширување на дворот на црквата. Останува нејасно: што планираат да изградат врз новата основа, која се поставува? Како при изградбата на крстот, така и во овој случај општинските власти на Тетово не реагираат, дури ниту не гледаат што се случува на ‘Кодра е диелит’ (Попова Шапка – заб.прев).

„Поранешниот прв човек на инспекторатот Седат Сулејмани, по молкот за поставувањето на крстот, беше награден со функцијата заменик-министер за култура. Во меѓувреме секојдневно истите институции удираат врз граѓаните и бизнисите во Тетово со узурпирањето јавен имот. Со ова уште еднаш се докажува дека изградбата на крстот и проширувањето на просторот на црквата на ‘Кодра е диелит’ (Попова Шапка – заб.прев) е резултат на тајните договори меѓу ВМРО ДПМНЕ, Движењето Беса и коалицијата Вреди, кои имаат за цел само лични и партиски интереси на партиите, што влегоа во Владата без легитимитет, иако беа губитници на изборите.

Во својата партиска пропаганда фракцијата на Села во Алијансата за Албанците се „чепка“ со верски објект, со манастир  на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, и се обидува да го стави во некаков измислен контекст на „тајни договарања ВМРО ДПМНЕ – Беса и коалиција Вреди“, за да заврши со својата „омилена тема“ „нелегитимна Влада“ и „партии што влегле во владата без албански изборен и политички легитимитет“.

АА на Зијадин Беса мора да води сметка дека во своите политички активности, било да се тоа напади и несогласувања со постоењето и функционирањето на оваа легитимна Влада на Република Македонија, не смее да посега по меѓуверските, ниту во меѓуетничките односи, поточно оти не смее да внесува тензии во тие сложени и чувствителни односи! Но, дали фракцијата на Зијадин Села во АА свесно манипулира со меѓуверските односи, „бунејќи“ се против „поставениот крст и проширувањето“ на манастирот на МПЦ-ОА на Попова Шапка, со намера да ја одигра својата улога во планот на ДУИ и Ахмети за политичко-етничка и безбедносна  дестабилизација на Македонија?!

АА на Зијадин Села, на која изгледа ѝ пречи постоењето, па и проширувањето на манастирот „Свети Наум Охридски – Чудотворец“ на Попова Шапка, ќе мора да има предвид и еден факт, потврден со историски факти и докази. На својата интернет-страница Тетовската епархија на МПЦ-ОА пишува: „Во минатите векови на Попова Шапка постоела и црква посветена на ‘Вознесението Христово’. Таа се наоѓала над денешниот Воен дом, бидејќи пред неколку децении се најдени и нејзините темели. По паѓањето на Македонија под турско ропство, покрај другите цркви и манастири, Турците го разурнале и овој храм. Тие ја користеле разурнатата црква како кула за набљудување на околните места.“