Планирав во кампањата „за“ и „против“ референдумското прашање која Владата ја почна со месеци пред референдумот да се обидам да бидам неутрална страна.
Без да искажувам личен став во колумни, да им дадам шанса на сите што имаат став да го кажат тоа во емисијата и вестите на Алфа што ги уредувам, без да убедувам кого било да гласа некако.
Но, еден статус на владиниот портпарол Миле Бошњаковски ме премисли. Статусот оди вака:
„…еве да ти кажам директно… кога ќе умреш, син ти ќе те спомне, ќе се сеќава на тебе, затоа што знае по некој збор македонски и се лизгал на скопските игралишта колку-толку, но внуците ќе ти зборуваат на друг јазик и не дека нема да се сеќаваат, но ама баш ништо нема да им значи јазикот на кој си творел… дрво без корен ќе си… коренот е овде ДОМА“.
Една од најважните функции во Владата, инаку вообичаено питомо и добро човече, Миле Бошњаковски, му се нафрла на режисерот Дарко Митревскипоради тоа што тој во мојата емисија „60 минути на Алфа“ во видео порака го кажа својот став за менување на името во Северна.
Ова и еден претходен инцидент со Бошњаковски ме натера да го сменам мојот објективен во субјективен пристап.
Претходно решив да го закопам во себе инцидентот со Бошњаковски, но сега веќе тоа не е можно. Затоа што сфатив дека не станува збор за инцидент, туку за систем на однесување кон сите што мислат различно.
А инцидентот се случи во Нивици, Горна Преспа, на денот на потпишувањето на договорот со Грција. Откако пред колеги Бошњаковски ми објасни дека разговарал со локалните жители и заклучи дека Владата правела добро за Македонците во Грција, ми рече да продолжиме „да јадеме гомна“ сите ние што сме против договорот.
Човек што дошол првпат во Нивици со владино возило и одел само на одмор на Халкидики му кажа каква е состојбата со Македонците во Грција на човек што ги посетил сите можни македонски „панаѓири“ од 2003 година во северна Грција, човек што има направено стотина репортажи во грчка Македонија и човек што два пати беше апсен и му беше забранет влез во Грција поради тоа што известуваше за Македонците кај јужниот сосед. И притоа го нахрани со гомна.
Му простив тогаш на Миле затоа што и двајцата во краткиот разговор пуштивме по некоја солза додека колегите збунето гледаа од страна како двајцата мажи со тежина од четврт тон среде Нивици плачат врз судбината на својот народ.
Да беше само за мене, ќе премолчев, не е прв пат да ми нудат да јадам гомна. Но, полека сфаќам дека ова мени им се нуди на сите што се против промена на името на ваков начин. И така по професорите Ванковска, Силјановска, Апасиев, Ристеска и другите на масата со „закуската“ е додаден режисерот Митревски, со најава дека истото им следува на сите што ќе одат контра Владата.
И тука веќе солзите станаа неважни, а долгогодишното пријателство и почит за Миле ирелевантни.
Портпаролот на Владата смее да ја брани владината позиција, затоа бездруго е таму. Но, не смее од позиција на сила да се пресметува со неистомисленици.
Меѓу другото, и затоа што Дарко Митревски направил повеќе за Македонија од целата сегашна Влада сосе Хазби Лика, кога ќе му текне да оди на работа.
Тој има право да зборува за неговите деца и внуци, а Бошњаковски не смее, ниту беше повикан да се впушта во ваква расправа. Него го плаќаат сите граѓани.
Особено не смееше да ги нападне сите оние што заминале од државава, некои од нив и поради владеењето на ВМРО, што партијата на Миле претходно го користеше како аргумент во своите кампањи.
Портпаролот мора да се реши дали ќе ги следи владините политики за тие што заминале во странство и ќе се обидува да ги врати дома или ќе ги одвраќа со своите изјави. Како што мора да реши дали ги прифаќа ставовите на неговиот шеф Заев за потреба од јавна дебата пред референдумот. Затоа што вака излегува дека додека Заев бара дебата тој прави се што може за истата да ја сузбие во старт.
А како Владата се пресметува со своите противници? Кај Апасиев нападите се аргументираат со небулози од типот дека е човек на ВМРО, за Ванковска дека е конфликтна личност, за Силјановска дека тивко зборува, за Ристеска дека говори во високо Ц, а за Митревски проблем е што живее во дијаспората.
Бошњаковски заборава дека со тоа ја отфрла истата таа дијапосра која годишно во земјава инјектира милијарда и 300 милиони долари во буџетот. Во исто време кога Али Ахмети ни се заканува дека албанската дијаспора ќе го реши македонското прашање.
Долго време се прашував зошто луѓето во Владата и Бошњаковски се емотивни и нервозни како што самиот признава во еден свој коментар и конечно сфатив.
Без разлика што ќе се случи, тие се поразени и без референдум.
Групата луѓе, односно експерти, што останаа по телевизиите да ги бранат владините ставови е најдобар доказ дека Владата ќе претрпи пораз дури и ако на референдумот победи.
На нивна страна се ЕУ, САД, НАТО, Грција, на страната на „гомнојадците“ не е никој толку силен, а за власта е најстрашен фактот што зад Митревски, Ванковска, Апасиев и другите не стои ниту ВМРО, која, борејќи се со сопствениот атавизам, засега со одбегнување да го каже својот став игра во интерес на власта.
Можеби тоа е причината за ваквото нахално однесување, затоа што има опасност евентуалниот пропаст на референдумот или пирова победа да го означи првиот пораз на една влада не од опозицијата туку од група луѓе без никакви ресурси, хиерархија, заеднички ставови, идеологија или буџет.
Владата е нервозна поради тоа што полека разбира дека овие луѓе што ги оцрнува и напаѓа со сите сили, иако прави сè да не се види дека стои зад нападите, реално не постојат на политичката мапа (со исклучок на Апасиев, кој, сепак, доаѓа од вонпарламентарна партија).
И затоа се плаши од пораз, а не може да се договори со нив. Затоа што тие нема да седнат на „Пржино 3“, туку ќе ја спржат на 23, 30 септември или 7 октомври.
А владата не треба да биде нервозна ниту Бошњаковски емотивен. Тие и граѓаните мора да знаат дека има план Б, кој е тежок за спроведување ама постои.
Планот Б е реформи, економијата да има раст од 5,1 а не 0,1, Хазби Лика да си ја заработува платата, Заев навистина да одговара за барањето мито, тие што навистина нарачуваа и тепаа на 27 април да лежат затвор, а портпаролите да не напаѓаат Ад Хоминем луѓе со кои не се согласуваат.
А главниот момент во ова сценарио, и пред и по референдумот, да не се шири дефетизам дека ќе пропадне Македонија, туку да се каже дека ќе биде тешко, ама има надеж.
Заканите за војна со Албанците, кои доколку не влеземе во НАТО ќе започнат со проектот Голема Албанија, што ги шири дискретно Владата, се срамни и навредливи и за Албанците и за сите други. Затоа, тие мора да запрат веднаш.
И на крајот, главната мантра на владиниот тим за пропаганда дека не може да е некој за ЕУ и НАТО од срце, а во исто време да има проблем со менување на име и сè друго.
Такви луѓе има многу. Ако ја анализирате изјавата на премиерот, кој вели дека само 5 насто од граѓаните не се за евроатлански интеграции, а во исто време Владата се плаши за цензус, јасно станува дека најголемиот дел од граѓаните се токму во оваа категорија, сакаат во НАТО и ЕУ, а не сакаат Северна Македонија.
И затоа Владата не смее да ги напаѓа како да имаат чума. Тие само го сакаат најдоброто за својата земја.
Како што и дел од нас „гомнојадците“ веруваат дека Заев и компанија сакаат најдобро за своите граѓани, ама притиснати не знаат како да го спроведат тоа.
Затоа Владата и Бошњаковски да ги смират страстите, да ги врзат кучињата, да ги повлечат инспекциите, да запрат со прислушувањето на неподобните, да не го претворат референдумот во Армагедон, туку во празник на демократијата.
И нека не бидат нервозни, пак ќе владеат. Никој жив не верува дека изјавата на Заев дека во случај на неуспех на референдумот ќе си замине е вистинита. Како и десетици други пред неа.