Дамаск и Москва го обвинија Израел за денешниот смртоносен  напад врз сирискиот воен аеродром, во близина на градот Хомс во кој загинале 14 лица.

Израел, за кој се верува дека стои зад нападот, не ги коментираше обвинувањата.

Сириската државна новинска агенција Сана, цитирајќи воен извор, објави дека проектилите биле истрелани од израелските авиони Ф15 од либанскиот воздушен простор.

Сирија првично ги обвини САД за ракетниот напад, јавува Би-би-си.

Инцидентот се случи во моменти на голема меѓународна вознемиреност поради наводниот напад со хемиско оружје во саботата од страна на владините сили врз упоришта на бунтовниците.

Сириската псерваторија за човекови права со седиште во Лондон ги обвини властите во Дамаск за убиство со хемиско  оружје 40 цивили.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ќе треба „ да се плати голема цена“ за наводниот хемиски напад во градот Дума, во близина на главниот град Дамаск. Тој го нарече сирискиот претседател Башар ал-Асад „животно“.

Во меѓувреме, последните бунтовнички борци во Дума се предале и ќе бидат  транспортирани од енклавата откако постигнаа договор со владата, објави државната телевизија во Сирија.