Не престанува пропаганда во бугарските медиуми кои откриваат бугарско малцинство во Албанија.

Македонско друштво „Илинден“-Тирана и огранокот од Голо Брдо ја осудуваат дводневната посета на потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова, во горанските села Оргост и Шиштевец на општина Кукс во Северо-источна Албанија каде живеат само Македонци.

Во репортажите од посетата на потпретседателката на Бугарија Илијана Јотова на две села – Оргост и Шиштевец – во областа Гора на границата со Косово, се изнесуваат толку небулози и комични констатации што едноставно – навредува.

„Бугарчињата во Албанија не сакаат барбики, туку носија – да се убави на орото“ е наслов на репортажата на „24 часа“ во која авторот пишува дека зачудувачки е кога ќе се чуе „кристален бугарски говор, бугарски песни и насмеани моми кои вијат кршни ора“ во селото Оргост високо во планина кое речиси е „откинато“ од светот без пат и комуникации.

Јотова за време на официјалната посета на Албанија беше во селото од 1.000 жители „да види како ни живеат сонародниците таму“, пишува весникот според кој претседателката не можела да верува и да ги скрие емоциите „дека на такви места во Албанија може да се зборува така добро бугарски“.

„Родољубието и копнежот за Бугарија се многу посилни кај овие луѓе отколку кај многу сонародници кај нас“ изјавила Јотова која била воодушевена дека „малите деца ги цитираат (поетите – н.з.) Вазов и Ботев“.

Кога не би бил тажен, прилично комичен е делот од писанието во кој на прашањето на потпретседателката што сакаат децата од Оргост „наместо да слушне ајпад или телефон, лего коцки или барбики, одговорот бил: бугарски носии“.

Повозрасните зборувале „дека сакале да отидат во мајка Бугарија“, која за нив била нешто „како Ел Дорадо кое постои таму некаде во светот и каде е се убаво и прекрасно“.

За почеток, побарале сателитски антени за да можеле да гледаат бугарска телевизија и филмови.

А, да, и бугарската Влада да се заложела да им биде направен – пат…

Репортажата на „24 часа“ може да ја видите тука.