Стерјовски ја обвини Албанија за геноцид врз Македонците

Васил Стерјовски, генерален секретар на Македонска алијанса за европска интеграција, ја обвини Албанија дека со признавањето бугарско малцинство врши геноцид врз Македонците во земјата.
„Во Албанија има македонско малцинство и толку. Според сите историски факти, нема Бугари, туку македонско малцинство. Признавањето бугарско малцинство од албанската држава е геноцид врз Македонците во оваа земја и е во спротивност со националните интереси на Тирана“, изјави Стерјовски за албанската телевизија Тема.
Според вториот човек на партијата на македонскиот градоначалник на Пустец, Едмонд Темелко, Бугарите со години се обидуваат да докажат постоење бугарско малцинство во Албанија, во Косово и во Грција „за да ја заградат Македонија со вештачко бугарско малцинство и да докажат дека не постои македонска нација“.
„Ние знаеме кои сме – Македонци. Го имаме и пописот од 2011 година. Во Преспа, Врбник, Гора, Голо Брдо никој не се изјасни за Бугарин“, рече Стерјовски.
Македонска алијанса за европска интеграција побара од претседателот Илир Мета да не го потпишува законот за малцинствата, со кој бугарското стана деветто покрај Македонците, Грците, Ромите, Египќаните, Власите, Бошњаците, Србите и Црногорците.