Албанската влада денес го усвои предлог-законот за заштита на малцинствата на територијата на земјата, пренесо попладнево бугарски медиуми.
Парламентарната правна комисија едногласно прифати во текстот на законот да биде вметнато и бугарско малцинство. Со усвојувањето на предлог-законот, Албанија го признава постоењето на бугарското малцинство, јави бТВ. Бугарски медиуми објавија дека ова е историски момент.
Бугарија се закани дека со вето ќе го попречи интегрирањето на Албанија со Европската унија, доколку покрај постоечките малцинства во таа земја не призане и бугарско.
До неодамна официјалниот став на земјата беше дека „етничките Бугари“ кои живеат во Албанија немаат право на посебен малцински статус.
Бугарското малцинство во Албанија, според бугарски медиуми, постоело уште од средновековната бугарска држава. До 1944 година Бугарија се грижела за нејзините сонародници во Албанија.
Претходно оваа година, Европската комисија излезе со мислење барајќи од Албанија да ја признае етничката припадност на Бугарите кои живеат во Преспа, Голо Бардо и Гора.
Според непотврдени информации, бугарското малцинство во овие региони достигнува до 50 000 луѓе.
На крајот од септември премиерот Бојко Борисов, ја повика Албанија да признае бугарско малцинство. Тој разговараше со премиерот Еди Рама на кој му порачал дека очекува новиот закон да содржи текст кој го регулира статусот на етничките Бугари.
Единствената македонска партија во албанскиот парламент – партијата Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), се изјасни против вклучувањето на бугарско малцинство во законот за националните малцинства во Албанија.
Според Македонците во Албанија, признавањето на непостоечко бугарско малцинство во областите Преспа, Голо Брдо и Гора е кршење на меѓународното право, бидејќи овие области се населени со Македонци, а не со Бугари.
Партијата ги спореди активностите на владата како геноцид врз македонскиот народ и злосторство против човештвото, бидејќи Бугари во Албанија имало само во бугарската амбасада во Тирана.
Според новиот закон, сега во Албанија има девет признати малцинства: грчко, македонско, влашко, црногорско, српско, ромско, египетско, босанско и – бугарско, пренесуваат бугарски медиуми.
Според изданието„Егзит“, етничките Бугари ја напуштаат Албанија бидејќи како такви имаат право на бугарски пасош со кој може да се населат во земјите на ЕУ.
Македонската партија МААЕ вели дека признавањето на бугарското малцинство претставува шема што ја крши Албанија и помага на проектот Голема Бугарија.